Глобалната агенциска мрежа WPP склучи партнерство со компанијата за интерактивна забава и видео-игри Epic Games.
Epic Games е компанијата која стои позади тродимензионалниот графички „гејм енџин“ Unreal Engine и популарната видео-игра Fortnite. Нејзината обврска во новото партнерство со WPP ќе биде да им помогне на агенциите да се адаптираат за новата ера на дигитални искуства во метаверзумот.
Партнерството предвидува имплементација на нова тренинг програма, во која учество ќе земат директори, креативци, медиски експерти и стратези кои ќе ги тренираат вработените на WPP како да создаваат специјализирани бренд искуства со помош на Unreal Engine.
Тимовите на WPP ќе соработуваат со специјалисти од Epic Games во креацијата на интерактивни содржини за различни брендови од широк спектар на индустрии – како видео-игри, филм, архитектура, мода, автомобили, музика и настани во живо.
WPP претходно има соработувано со SuperAwesome, друга компанија под капата на Epic Games, со која има изградено интерактивен остров во светот на Fortnite за брендот Adidas и нивната колекција на патики Ozweego.