Британската адвертајзинг агенција Adam & Eve/DDB доби договор за опслужување на клиентот Deutsche Telekom, за што ќе отвори нова канцеларија во Берлин, Германија.
Берлинскиот оддел на агенцијата ќе биде предводен од новиот генерален креативен директор Јенс Фау, кој ќе одговара директно на глобалниот генерален креативен директор на Adam & Eve/DDB, Ричард Брим. Јенс Фау е креативец со долгогодишно искуство во повеќе агенции, при што освоил над 200 меѓународни креативни награди, вклучувајќи и Grand Prix на Cannes Lions и златни награди на Eurobest, New York Festival и Clio Awards.
На позицијата генерален стратешки директор е назначен Филип Шварц, кој ќе му помага на Фау во водењето на агенцијата. Шварц претходно веќе има работено како директор за стратешко планирање во неколку агенции, а последно работел како самостоен консултант за брендови како Google и Bosch.
Германската канцеларија на Adam & Eve/DDB е третиот меѓународен оддел кој таа го отвора, а следи по отворањето на канцеларијата во Њујорк во 2016 година.
Матичната компанија DDB веќе има канцеларија во Берлин, но Adam & Eve/DDB ќе работи одвоено и од различна локација.
Adam & Eve/DDB Berlin ќе биде одговорна за креативните комуникации на Deutsche Telekom во Германија, но и во неколку други држави, како Полска и Унгарија.