Автор: Данче Азманова, Консултант за контент маркетинг и Претприемач
Што за вас значи добар професионалец? Оној што е 100% фокусиран на работата и во секој муабет одново и одново ги раскажува своите подвизи? Или оној што е отворен повеќе да слуша отколку да зборува за да научи нешто ново од приказната на другиот?
Моето искуство ми покажа дека добар професионалец не е оној што целосно се вложува во работата, што живее и дише низ призмата на својата професија.
Напротив, добар професионалец е оној што умешно ги балансира животните полиња, а убавата емоција и енергија што ги добива благодарение на исполнетиот живот ги пренесува на работното место или во својот бизнис.
Споделувам некои начини што мене ми помогнаа да бидам подобра верзија од себеси:
- Техниките за дишење не се губење на време
Можеби сметате дека медитацијата и техниките за дишење се губење на скапоцено време.
Но, ако барем еднаш пробате да го контролирате здивот барем неколку минути пред јавен настан, пред презентација или кога се чувствувате под стрес, ќе сфатите зошто дел од дневната рутина на најуспешните луѓе се медитацијата и техниките за дишење.
Овие техники се многу корисни и ако не можете да заспиете, а следниот ден имате важен состанок или настан.
Техниката на дишење 4-7-8 навистина многу ми има помогнато. Еве како функционира:
- 4 секунди земаш воздух (преку нос)
- 7 секунди го држиш воздухот
- 8 секунди го испушташ воздухот (преку уста)
Го повторуваш овој циклус 2-3 пати и за некоја минута гарантирано ќе ги почувствуваш придобивките.
2. Слушнете барем една инспиративна приказна дневно
Ретко кој може да ја одржува мотивацијата постојано на високо ниво. И тоа е сосема во ред.
Но, што може да направите за да добиете ветер во грб кога најмногу ви е потребно?
- Посетувај локални настани за да слушнеш успешни приказни.
- Слушај TedTalks додека возиш накај работа или го пиеш утринското кафе.
- Разговарај со барем една нова личност неделно и слушни ја нејзината приказна (од секого може да се научи нешто!).
- Наместо клише кафе-муабети, поттикнувај ги луѓето да ти ја раскажат својата животна приказна.
- Слушај мотивирачки говори и аудиокниги додека возиш на подолги релации.
3. Постојано вложувај во учење на нови вештини
Едукацијата не застанува во факултетските клупи. Но, таа не треба да се сведе и само на едукација во твоето професионално поле.
За среќа, денес имаме можност да учествуваме на голем број на локални обуки по навистина достапни цени за теми како лидерство, поставување цели, животни вештини, здрава исхрана, јавно говорење, отклучување на внатрешниот потенцијал и уште многу, многу други.
Можеби е поедноставно да си пуштиш некоја серија на Нетфликс после работа, но замисли тие неколку часа да ги поминеш инвестирајќи во себе? Каква личност ќе бидеш за една година од сега ако гледањето серии го замениш барем со читање книги?
Имај ја на ум следнава математика:
Една епизода = 30 страници од книга
Серија од 10 епизоди = прочитана цела книга
4. Вежбањето како начин за разбистрување на умот
Кој редовно вежба, знае како физичката активност ти го разбиструва умот. Дури и една обична прошетка може да ти го расчисти хаосот во глава.
Секогаш кога си заглавен/а со некоја задача или кога ти е потребна инспирација, сврти еден круг низ маало, прошетај го кучето и идејата ќе се појави кога најмалку очекуваш.
Не е доволно само да го вежбаш твојот мозок ако твоето тело стагнира. Исто важи и за обратното.
Ако на твојата дневна агенда се само теретана и работа, а ти се чувствуваш дека стагнираш на некои животни полиња, можеби не е лошо да додадеш уште една активности во to-do листата како на пример слушање Ted talks додека вежбаш или пешачиш.
5. Разговор со стручно лице за средување на хаосот во глава
Сесиите со психолози не се повеќе табу тема. Тие се стручни лица кои ќе ти помогнат да си го средиш хаосот во глава и со јасна мисла да се фокусираш на твоите приоритети.
Некогаш, доволен е само еден разговор со психолог за да се почувствуваш дека повторно ја држиш контролата врз својот живот и ги влечеш конците. Проверено.
На крајот на денот, доволно е само да се запрашаш:
Што е една работа што можам да ја направам денеска, a што ќе ме донесе поблиску до личноста што сакам да бидам приватно и професионално?
Штом ќе го добиеш одговорот, фрли се во акција. Тоа е сосема доволно за старт.
Колку повеќе растеш како личност, така ќе ти се отвораат можности за кои што не си ни знаел/а дека постојат.
Вреди да се проба, нели?