Британскиот бренд на кондиторски производи Cadbury и непрофитната организација The Prince’s Trust ја лансираа кампањата „Give a Doubt“ („Сподели сомнеж“) со цел подигнување на самодовербата кај младите.
Според неодамнешно истражување кое го спровела компанијата, 74% од младите луѓе на возраст од 18 до 30 години се соочувале со секојдневни грижи и сомнежи за својата иднина. Дополнително, 34% од испитаниците изразиле недоверба дека ќе ги постигнат своите лични и професионални цели во животот.
Со цел да им покаже на младите дека сите луѓе, без разлика колку успешни, се соочуваат со слични сомнежи, а со тоа и да ги поттикне да проговорат за ваквите сомнежи со своите блиски, Cadbury ги ангажираше актерката Хелен Мирен, раперот Биг Зу, поранешниот фудбалер Јан Рајт, параолимписката пливачка Ели Симондс и други.
Во централниот спот на кампањата, познатите личности им се обраќаат директно на младите, зборувајќи за своите сопствени животни симнежи, кои сепак не ги спречиле во нивниот успех. Тие ги охрабруваат младите луѓе дека внатрешните сомнежи се нормални и дека тие не треба да се потиснуваат – баш напротив, само со нивно соочување и споделување со соодветните луѓе тие можат да се надминат.
Кампањата се реализира со помош на огласувачката агенција VCCP.