Една година по лансирањето на функции за транспарентно следење и регулирање на личните податоци кои ги извлекуваат мобилните апликации од вашиот телефон, Apple продолжува да се позиционира себе како бренд кој активно се грижи и ги штити личните податоци на своите корисници.
Во таа насока се движи и новиот рекламен спот на брендот, насловен “Data Auction” („Аукција на податоци“), со кој всушнот ги критикува своите конкуренти.
Во спотот ја гледаме Ели, млада жена која случајно налетува на аукција за нејзините лични податоци. Наддавачите се борат за да ја купат нејзината приватна електронска пошта, нејзините локации на движење, па дури и сметките во аптека. Но, тогаш, Ели одлучува да го извади својот нов Ајфон и да ја избере функцијата со која го ограничува следењето на податоци од разните мобилни апликации, по што целата аукција исчезнува во воздухот.
„Во текот на изминатата деценија, голема и нетранспарентна индустрија собира сè поголеми количини на лични податоци. Комплексен екосистем од веб-страници, апликации, социјални медиуми, брокери за податоци и компании за рекламни технологии ги следат корисниците онлајн и офлајн, собирајќи ги нивните лични податоци. Овие податоци потоа се собираат заедно, се споделуваат, се агрегираат и се користат на аукции во реално време, хранејќи индустрија од 227 милијарди долари годишно. Ова се случува секој ден додека луѓето се занимаваат со нивниот секојдневен живот, честопати без нивно знаење или дозвола“ – објаснуваат од Apple.