“Да се запознаеме со..“ е нова секција која деновиве ја стартувавме на М365 и во која нашите читатели ќе ги запознаваме со нашите читатели
Секција првенствено посветена на луѓето кои работат во маркетинг и ПР секторите во македонските компании, во која преку неколку кратки, блиц прашања ќе промовираме професионалци кои знаеме дека редовно си го читаат М365 и кои накратко ќе ни пренесат што актуелно се случува во нивната компанија и кои се предизвиците со кои нивниот сектор ќе се соочи во наредниот период.
Наш денешен гостин е: Васко Русевски
Име и презиме: Васко Русевски
Компанија: Натусана Македонија
Работна позиција: Маркетинг и комуникации
М365: Кон што е насочено вниманието на Натусана Македонија во моментов?
Она што е најактуелно за Натусана во периодов е хуманитарната кампања која ја спроведовме по повод нашиот 10-годишен јубилеј под мотото „За хуманоста да стане навика“, а беше наменета за собирање средства за уредување на Дневниот центар за деца со аутизам во Скопје.
Во истиот период се фокусиравме на уште една, малку понеконвенционална кампања за нашиот бренд за спортисти и активни луѓе Алгасан. Идејата беше да снимиме видеа со реални луѓе, спортисти, како го користат нашиот производ во реални ситуации, без шминки и местења. Алгасан на лице место :). Две видеа веќе се вртат по порталите, а третото допрва треба да излезе.
Останатите работи се практично секојдневие. Успешно завршивме една кампања за брендот Лакалут и сега ги сумираме резултатите, континуирано сме присутни на социјалните медиуми со нашиот блог „Здрава навика“, а веќе сериозно ги завршуваме и маркетинг плановите за 2015 година.
М365: Кои се главните цели на Натусана Македонија во наредната 2015 година и како планирате да ја прилагодите комуникациската стратегија во реализирање на истите?
Она што можам веднаш да го кажам е дека Натусана се труди да ги следи трендовите во маркетингот и адвертајзингот, но и да даде еден свој печат на сето тоа и да се обиде да направи нешто уникатно. Веќе на сите ни е јасно дека класичниот адвертајзинг не функционира како порано, дека социјалните медиуми не се статични и правилата се менуваат од ден на ден, па и од час на час… дека брендовите, освен ако не се силни финансиски, не можат да опстанат доколку размислуваат статично. Динамичноста, флексибилноста и искрениот пристап се она што функционира денес.
Затоа решивме да применуваме и понатаму нестандардни маркетинг модели и многу креативност, и да му пристапиме на пазарот на еден специфичен и уникатен начин, како што е тоа случај со Алгасан, но и со другите брендови на Натусана. Фокусот во следната година е да продолжиме да го трасираме тој пат па да видиме каде ќе не одведе и што ќе ни донесе :)
Уште неколку важни работа што сакаме уште повеќе да ги надоградиме и да им се посветиме во 2015: да продолжиме да инсистираме хуманоста да стане навика и да поддржуваме разни иницијативи и движења кои се фокусираат на унапредување на здравјето и се посветуваат на здравиот и активен живот. Со други зборови, да ја поддржиме секоја иницијатива што е насочена кон градење здрави навики. Постојано ја унапредуваме и грижата за корисници во сите аспекти: од реагирање на она што го бара пазарот и нудење на поширока палета на производи според барањата на корисниците, континуирани акции и поволности, поголема достапност на различни производи на местата на продажба, па сè до нашата континуирано присуство за сите корисници преку дигиталните и социјалните медиуми.
Колегите можат да Ве контактираат на:
LinkedIn: https://www.linkedin.com/pub/vasko-rusevski/77/127/b69
Facebook: https://www.facebook.com/vasko.rusevski
Twitter: @wuasko