Во својата најнова кампања насловена “OutHorse Your Email”, туристичкото биро на Исланд ангажираше три специјално „тренирани“ коњи за да враќаат на вашите мејлови додека сте на одмор.
Кампањата е насочена кон оние луѓе кои бараат вистинска пауза од работа, а Visit Island им нуди начин како да се „дисконектираат од работата и да ги остават коњите на Исланд да одговараат на нивните мејлови додека тие се на одмор“.
Државата била инспирирана за оваа кампања од едно скорешно истражување кое покажало дека 45% од американските туристи ги проверуваат своите работни мејлови додека се на одмор, а 16% од испитаниците ги проверувале своите приемни сандачиња повеќе од пет пати на ден.
Посетителите на Исланд можат да изберат три коњи: Litla Stjarna Frá Hvítarholti – која пишува брзо, но може и да заспие на работа; Hrímnir Frá Hammy – кој е наметлив и ефикасен пастув; и Hekla Frá Þorkellshóli – која е пријателски настроен придружник трениран за употреба на типичен корпоративен јазик.
Креативниот тим кој стои позади кампањата создал џиновска тастатура која навистина функционира, а по која коњите можат удобно да газат и да „пишуваат“ мејлови. Во реалност, мејловите изгледаат како на сликата подолу. :)
Кампањата се реализира со помош на агенциите M&C Saatchi, Peel Iceland и SS+K.