Во пресрет на новата четврта сезона на популарната филмска серија Stranger Things, стриминг-платформата Netflix реализираше искуствена out-of-home кампања на улиците на Лондон.
Минувачите во населбата Shoreditch најпрвин можеа да забележат постери кои рекламираат измислени брендови и производи од серијата, како часовниците Holland’s и пицеријата Surfer Boy Pizza. На постерите се наоѓал и телефонски број на кој одговарала необична гласовна порака.
Неколку денови подоца, на локацијата на постерите се појавиле луѓе во заштитни одела кои ги покривале рекламите и ги повикувале луѓето да се тргнат што подалеку од „опасноста“.
Како што растеше исчекувањето меѓу возбудените обожаватели на интернет, од постерите се појавиле тродимензионални пипци кои навидум отвораа некаков портал, кој пак стануваше сé поширок со секој изминат ден.
Конечно, на 27 мај, фановите можеа да зачекорат во отворениот „портал“ и да влезат на настан каде заедно со актерите од серијата можеа да го искусат вкусот и мирисот на Stranger Things, заедно со бесплатна пица!
Кампањата се реализираше со помош на агенцијата BBH.