Исклучително богата, креативна и иновативна програма ќе го одбележи седмото издание на Скопје постер фестивал, кој ќе трае почнувајќи од денеска 5.12.2014 до 20.12.2014 во просториите на Младинскиот културен центар. Организаторите – Здружението на графички дизајнери ПЛАКАРТ и Младинскиот културен центар, поддржани од Министерството за култура на Република Македонија, сигурни се дека и овој пат ќе ги задоволат вкусовите на креативната фела.
Под мотото “Дизајн за мир“ Меѓународниот студентски конкурс за плакат годинава ќе опфаќа идејни решенија на графички дизајнери кои на исклучителен начин ја искористиле својата креативност.
На вчерашната прес конференција , претседателот на ПЛАКАРТ – Лазе Трипков, изјави дека секоја година фестивалот привлекува се повеќе интерес и го зајакнува регионалното реноме, за што потврда се и гостите, но и светската препознатливост што 7 години го прави овој проект отскочна даска за младите креативци. Тој напомена и дека оваа година жирито ќе има сериозен предизвик-да избере победници од вкупно 2023 аплицирани постери.
На пресот свое обраќање имаа и претседателот на светската асоцијација на дизајнерски здруженија Icograda Ива Бабаја, како и Ајшеѓул Изер, иницијатор на дизајн настани ширум Турција и македонскиот плакатист Костадин Танчев, кои потенцираа дека конкуренцијата на пристигнатите плакати е огромна, а инспиративноста на младите креативци е на високо ниво што не уверува дека плакатот бил и е фантастичен медиум, медиум кој низ историјата бил одлучен за креирање и подигање на свест на различни теми, проблеми.
Изложбата на Лазе Трипков, како и изложбите на 7от Скопје постер фестивал, настани кои се одржуваат во МКЦ го одбележуваат месецот на плакатот во нашава земја.
Инаку во текот на денешното отворање на изложбите ќе бидат објавени 2 победници на седмиот конкурс „Дизајн за мир“ кои ќе бидат наградени со организација на нивна изложба од страна на Плакарт за време на 8. Скопје постер фестивал, учество на авторите на победничките постери во жирито на наредногодишниот конкурс, како и престижен сертификат од Icograda. Ист таков сертификат ќе биде доделен и на еден од македонските учесници кои жирито иницијално ги избрана во потесната конкуренција од 100 најдобри постер решенија.
Во рамки на фестивалот беше најавена и првата регионална дизајн конференција во земјава , која ќе се одржи во сабота 06 декември со почеток од 12 часот, а ќе ја опфаќа темата “Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“.
На конференцијата ќе може да се проследат презентации и предавања на погоре споменатите Ива Бабаја, Ајшеѓул Изер и Костадин Танчев, но и Давор Брукета – препознаен како еден од најуспешните креативци на Балканот и во Југоисточна Европа, Борут Вилд, еден од балканските дизајнери кој зад себе има 100 меѓународни проекти и Мила Меланк од Здружението на дизајнери од Босна, организатор на успешната меѓународна акција насловена Сараево 100, по повод стогодишнината од сараевскиот атентат во која учество земаа 250 постери на еминетни дизајнери од целиот свет.
Организаторите ветуваат дека нема да остане само на презентациите и предавањата, туку дека конференцијата ќе поттикне сериозна дискусија на темата, од која ќе се извлечат конкретни заклучоци и решенија за подобрување на состојбите на дизајнот во регионот.
П Р О Г Р А М А
5.12. Жири селекција/ Отворање на изложбите
20:00 Отворање изложби/ Финалисти Скопје постер/ Објавување победници/ Детски цртежи наспроти постери на дизајнери
22:00 Забава МКЦ клуб/ресторан | диџеј ВАСО
06.12. Регионална дизајн конференција | ‘Состојбата на дизајнот на Балканот
и негово интегрирање во едукативните процеси’
Влез БЕСПЛАТЕН, регистрација> http://www.eventbrite.com/e/14657726655
11:30-12:00 Регистрација на гости
Прва сесија
12:00 – 12:10 Воведни зборови – Лазе Трипков, претседател, Плакарт|Скопје постер
12:10 – 12:30 Ива Бабаја, претседател на светската дизајн асоцијација Icograda
12:30 – 12:50 Ајшеѓул Изер, Турција
12:50 – 13:10 Давор Брукета, Хрватска
13:10 – 13:30 Константин Танчев, Македонија
13:30 – 13:45 Кафе пауза
Втора сесија
13:45 – 14:05 Ивана Стојановска, Elance-оDesk, вмрежување на млади креативци
14:05 – 14:25 Борут Вилд, Србија
14:25 – 14:45 Мила Меланк, претседател на здружение на дизајнери, БиХ
14:45 – 15:30 Резиме
15:30 МКЦ клуб/ресторан | Дружење со дизајнери!