Уште само неколку недели остануваат до почетокот на тенискиот Грем Слем турнир во Вимблдон, а организаторот, Сеанглискиот клуб за тенис на трева и крокет (AELTC), одбележува 100 години од нивното преселување на Church Road во Лондон и отворањето на „Централниот терен“ каде се одигрува натпреварувањето.
По тој повод, AELTC лансираше нов анимиран спот со кој исто така го слави и враќањето на тениските фанови на трибините на Централниот терен, по двегодишната затвореност поради пандемијата на коронавирусот.
Спотот насловен “The Stage Awaits”, односно „Сцената чека“, следи тројца тениски фанови кои ја „впиваат“ сета возбуда од неизвесните соочувања на турнирот, гледајќи тениски ѕвезди како Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Серена Вилијамс и Ема Радукану.
„По две години прекин, не можевме да бидеме повозбудени да ги пречекаме навивачите од целиот свет назад на Вимблдон. Она што ја прави оваа година уште попосебна е фактот што ја одбележуваме стогодишнината од Централниот терен во Church Road. Ова импресивно достигнување зборува за наследството на Шампионатот, а спотот за овогодинешната кампања “The Stage Awaits” дополнително илустрира како настанот е столб на инспирација за нашите фанови ширум светот. Едвај чекаме да видиме што има да ни покаже Вимблдон во следните 100 години – следниот век започнува сега“ – изјави Александра Вилис, директорка за комуникации и маркетинг во AELTC.
Кампањата се реализира со помош на огласувачката агенција McCann London.