Генералната извршна директорка на Publicis Groupe UK, Анет Кинг, беше избрана за нов претседавач со британската Огласувачка асоцијација (Advertising Association).
Анет Кинг ја наследува Филипа Браун од PHD, која го заврши својот тригодишен мандат за време на кој воведе иницијативи како Ad Net Zero и All In, истовремено надгледувајќи ја реакцијата и закрепнувањето на британската огласувачка индустрија во време на пандемијата на коронавирусот.
Како нов претседавач на британската Огласувачка асоцијација, Кинг ќе ги продолжи постојните стратешки насоки на развој и имплементацијата на заедничките иницијативи со IPA и ISBA како Ad Net Zero. Истовремено, таа ќе има консултативна улога во однос на регулаторни прашања како што е Програмата за онлајн огласување. За нејзината работа, таа ќе поднесува извештаи до одборот на Огласувачката асоцијација во име на членовите на индустријата.
Анет Кинг планира да го одржи фокусот на Огласувачката асоцијација за поддршка на креативните таленти, зајакнувањето на јавната доверба, инклузивноста, климатските активности и клучните прашања за лобирање за индустријата.
Во својата нова улога, Кинг ќе соработува тесно со генералниот извршен директор на Огласувачката асоцијација, Стивен Вудфорд, и со претседателката на Огласувачката асоцијација, Алесандра Белини.
Анет Кинг беше назначена за генерален извршен директор на Publicis Groupe за Обединетото Кралство во 2018 година и раководи со 25 медиски, огласувачки и специјализирани агенции кои вработуваат околу 5,000 луѓе.