Никој не романтизира обични работи онака како што тоа го прави Gucci, давајќи им необична и спектакуларна аура на сé што ќе дофати. Италијанскиот бренд за луксузна мода овој пат влезе во светот на коктелите и алкохолните пијалаци со лансирањето на својот Elisir d’Elicriso.
Се работи за алкохолен коктел т.е. „еликсир“, базиран врз медитерански тревки и есенцијални масла од растението италијански смил (helichrysum italicum). Секоја голтка на пијалакот наводно го предизвикува чувството како да седите под тосканското сонце, гледајќи ги идиличните ритчиња и чемпреси, дишејќи го слаткиот мирис на летото.
Elisir d’Elicriso може да се служи на различни начини, во мартини, да се става капка во шампањ, или пак да се меша со тоник-вода. Без разлика на преференците, сигурно е дека консумацијата ќе биде со стил.
Пијалакот е создаден со помош на експертот за коктели Џорџио Баргијани од коктел-барот Cannaught во Лондон, инаку со тосканско-италијанско потекло.
Еликсирот на Gucci ќе се служи ексклузивно во нивниот новоотворен кафе-бар Gucci Giardino 25 во Фиренца, а ќе може и да се нарача онлајн, но само на територијата на Италија.
Ете уште една причина да ја посетите прекрасната Фиренца!