Агенциската групација WPP ја брани својата работа за големите енергетски компании, велејќи дека ќе продолжи да им помага со нивниот маркетинг, откако еко-организацијата Greenpeace организираше серија протести за време на фестивалот Cannes Lions, вклучително и испраќање флота кајаци во изнајмената плажа на WPP.
Генералниот извршен директор на WPP, Марк Рид, изјави за магазинот Campaign дека Гринпис е „во право“ да ја акцентира климатската криза, но тој инсистира на тоа дека енергетските компании треба да бидат „дел од решението“ и дека тие треба да бидат во можност да ги комуницираат со потрошувачите, на „фер и точен начин“, чекорите што ги преземаат за трансформација во економија со помала потрошувачка на јаглерод .
Greenpeace беа вклучени во три инциденти за време на Cannes Lions, со цел да протестираат против „фосилните реклами и спонзорства“, повикувајќи ги агенциите да прекинат да соработуваат со индустријата на фосилни горива.
Иницијално, активист на организацијата и поранешен креативец ја прекина церемонијата на отворање на фестивалот. Потоа, десетици протестирачи со кајаци ја „нападнаа“ изнајмената плажа на WPP, а други протестирачи искористија камион со скала за да се качат на главниот објект каде се одржуваше фестивалот.
Зборувајќи на крајот од петдневниот фестивал, Марк Рид, примајќи ја наградата за „Креативна компанија на годината“ во име на WPP, ги опиша протестите на Гринпис како „непријатност“.
„Тие се во право што го истакнуваат проблемот со климатските промени и влијанието на јаглеродот врз економијата. Во исто време, сите ние имаме улога во намалувањето на нивото на јаглерод и мислам дека енергетските компании треба да бидат дел од решението исто како и сите други. Нашата работа во WPP е да им помогнеме да зборуваат на фер и прецизен начин за чекорите што ги преземаат за да преминат во таа економија со помала потрошувачка на јаглерод“ – објасни Рид.
Тој посочи дека WPP, најголемата светска агенциска групација со околу 109.000 вработени, ќе работи само со енергетски клиенти кои се придржуваат до одредени глобални стандарди за емисиите на јаглерод.