Диеталниот бренд на Кока-Кола, Diet Coke, ја ангажираше британската супермоделка Кејт Мос како креативен директор. Мос ќе работи на кампањата “Love What You Love”, по повод 40-годишниот јубилеј на брендот Diet Coke.
Кејт Мос доби задача да ги спроведе активностите на брендот на Модната недела во Лондон, која започнува во септември, а кои се клучни за новата кампања и плановите за одбележување на годишнината на Diet Coke. Овие активности ќе вклучуваат повеќе партнерства и активации, вклучително и промотивно подарување на награди поврзани со модата.
Назначувањето на Мос доаѓа во време кога повеќе брендови почнаа да назначуваат славни личности за креативни директори, како што се примерите на Playboy и Карди Б, FWRD и Кендал Џенер и Taco Bell со Лил Нас Екс.
Од Diet Coke велат дека Кејт Мос на брендот ќе му ја донесе својата „естетика и стил“ и ќе му помогне да биде партнер со повеќе членови на модната индустрија.
Според Мајкл Вилеке, директор за интегрирано искуство за Европа во The Coca-Cola Company, назначувањето на Мос ќе ја „продолжи богатата историја на Diet Coke за соработка со некои од најголемите имиња во модата и културата“.
„Ова лето, ќе продолжиме да го прикажуваме позитивниот став на оние кои пијат Diet Coke, а со Кејт на чело ќе ги инспирираме сите да го усвојат ставот ‘Love What You Love’“ – додава Вилеке.