Се работи за тренд кој веќе се засилува на азиските пазари, а наскоро и корисниците на Android во САД би можеле да гледаат во заклучени телефонски екрани кои се преплавени со реклами.
Glance, компанија за мобилно огласување со седиште во Индија, во сопственост на InMobi, планира да ја прошири својата платформа за прикажување реклами на заклучен екран на Android уредите во САД веќе ова лето.
Официјално нема објавено никаков договор од Google, ниту пак од самите Glance. Меѓутоа, според TechCrunch, платформата за мобилно огласување веќе некое време е во дискусија со различни безжични оператори и се надева дека ќе биде лансирана на голем број мобилни уреди во следните два месеци.
Но, како би изгледало сето ова за корисниците? Епа, кога корисникот на Android ќе го вклучи својот екран додека уредот е заклучен, ќе види голем број нови содржини: тие ќе може да гледаат видео содржини и вести, но и реклами. Кога уредот ќе се отклучи, ваквиот динамичен екран со сите свои содржини ќе исчезне.
Платформата Glance е веќе претходно инсталирана на голем број уреди ширум светот, делувајќи како продолжение на оперативниот систем Android на многу пазари. На пример, Glance е вклучен во Pragati OS, оперативен систем базиран врз Android, создаден од Google во партнерство со индиската телекомуникациска компанија Jio.
За дел од огласувачите, прикажувањето реклами на заклучен екран е привлечна идеја – тие ќе бидат видени стотици пати на ден и се ослободени од било каков визуелен шум. Клучно ќе биде да се испорачаат перформансите што ги очекувааат огласувачите, додека пак за издавачите сето ова може да значи ефикасно таргетирање на рекламите и обезбедување висок број на прегледи, кликови и стапки на конверзија.
Но, еден друг дел од индустријата се поскептични, укажувајќи на ризиците од ваквата технологија, па дури и предизвикувањето на контраефект. Главното прашање е дали потрошувачите се веќе уморни од заситеноста на дигиталниот пазар?