Летото пристигна – сезоната на сладолед и висока мода на Париската модна недела. Спојте ги двете заедно и го добивате новото „слатко задоволство за очите“ кое брендот на сладоледи Magnum го претстави на Париската модна недела.
Се работи за првиот луксузен „вегански“ фустан направен, ни повеќе, ни помалку – од какао! Фустанот бил тродимензионално испринтан во форма на витли од кафена ткаенина создадена од лушпи од какао, дизајниран така да го имитира топењето на чоколадо врз сладолед од ванила. Лушпите од какао биле набавени од страна на Magnum на етички и одржлив начин, а потоа претворени во органски биполимерен материјал.
Фустанот е дизајниран од страна на холандската модна дизајнерка Ирис ван Херпен, а за прв пат јавно го носеше моделот Синди Бруна за време на Париската модна недела, како дел од претставувањето на новата колекција на ван Херпен.
Ова не е прв пат како Magnum влегува во светот на луксузната мода. Брендот на сладолед претходно има соработувано и со моделите Кара Делавињ и Бела Хадид со цел промоција на сладоледи и ладилници за сладолед. Меѓутоа, новиот фустан од какао е нивната прва физичка манифестација на „сладолед претворен во висока мода“.