По информациите дека Твитер ја ангажирал истакнатата њујоршка адвокатска фирма Wachtell, Lipton, Rosen & Katz LLP за правно да се бори против милијардерот Илон Маск за неговото повлекување од купопродажниот договор вреден 44 милијарди американски долари, официјално е потврдено дека социјалната мрежа поднела тужба против ексцентричниот милјардер.
Тужбата била поднесена во Канцеларискиот суд во сојузната американска држава Делавер, кој е специјализиран за деловни спорови од оваа големина. Веста ја објави самиот претседател на бордот на директори на Твитер, Брет Тејлор, кој објави линк до судските документи.
„Помалку од три месеци подоцна, Маск одбива да ги исполни своите обврски кон Твитер и неговите акционери бидејќи договорот што тој го потпиша повеќе не им служи на неговите лични интереси“, се наведува во соопштението на Твитер.
„Откако направи јавен спектакл за да го стави Твитер во игра, и откако предложи, а потоа потпиша купопродажен договор кој беше пријателски кон продавачот, Маск очигледно верува дека тој – за разлика од секоја друга страна што е предмет на законот за договори во Делавер – е слободен да го промени своето мислење, да ја зароби компанијата, да го наруши нејзиното работење, да ја уништи вредноста на акционерите и да си замине“ – истакнуваат од Твитер.
Едно од главните обвинувања на Маск што Твитер ќе се обиде да ги побие е она за бројот на спам-ботови кои оперираат на платформата, а за кои компанијата вели дека Маск бил цело време запознат. Од Твитер велат дека барањето на Маск за повеќе информации е „апсурдно“ и „невообичаено“, и покрај сите напори на компанијата да ги послуша неговите барања, Маск ги прескокнувал состаноците и ги игнорирал брифинзите.
Компанијата одлучи во постапката да ги вклучи и бројните мемиња што Маск ги објавил на Твитер по неговата јавна изјава за раскинување на договорот како доказ дека „неговите барања за податоци никогаш не биле наменети да постигнат напредок кон комплетирање на договорот, туку биле дел од планот за принудување судски спор во кој информациите на Твитер ќе бидат јавно обелоденети“.