Постојат мал број работи во светот кои се толку мали, а сепак имаат толку големо значење – како што тоа е случајот со пчелите. Работата која ја вршат овие инсекти и сите нивни мали братучеди со опрашувањето на растенијата има директно влијание врз опстанокот на целокупниот жив свет на нашата планета, вклучително и на нас самите. Кажано едноставно, но директно: ако нема пчели, нема живот на Земјата!
Но, за жал, бројот на пчелите, што поради климатски промени, што поради загадување и уништување на планетарните екосистеми, забележува континуиран пад во последните децении. Поради тоа, од исклучителна важност е сите ние како човештво, но и како поединци, да се заложиме за опстанокот на нашите мали пријатели и да им обезбедиме погодни услови за живот и развој, за потоа тие да ни возвратат со својата животодавна работа.
На покана на нашите пријатели од Universal Media Скопје, кои за нивниот овогодишен Impact Day решија да ја подигнат јавната свест за важноста на пчелите, ние од Маркетинг365 со задоволство прифативме да направиме еден краток преглед на некои од нашите омилени креативни кампањи реализирани во последните неколку години, чиј фокус бил токму пчелите и нивниот неопходен опстанок.
Една таква кампања која доби големо внимание од јавноста беше реализирана во 2018 година од страна на А1 Словенија. Имено, по повод Светскиот ден на пчелите, тие го претворија центарот на Љубљана во урбана градина со 3.500 медоносни растенија. Минувачите можеа слободно да понесат дома едно од 12-те различни видови на растенија, да ги пресадат во сопствената градина или да ги постават на балкон и со тоа да создадат „оаза“ за градските пчели во потрага по храна.
Следната 2019 година, светската јавност стана многу посвесена за проблемот со кој се соочува глобалната пчелна популација благодарение на бројните креативни кампањи кои се реализираа ширум светот.
Повторно во Словенија, локалниот Ротаракт клуб, во партнерство со Здружението на пчелари на Словенија, од хипермаркетите Tuš во Цеље ги тргнаа од полиците оние производи кои се зависни од опрашувањето на пчелите. На тој начин, тие илустративно им покажаа на потрошувачите што ќе се случи доколку ги снема пчелите: маркетите ќе останат празни!
Во Шведска, пак, McDonald’s ја создадоа кампањата McHive, како дел од која поставија повеќе кошници за пчели дизајнирани во форма на McDonald’s ресторани. Така, на пчелите им подарија соодветен простор во кој тие ќе можат да живеат, да се развиваат и да создаваат мед.
Потоа, градот Утрехт во Холандија претвори повеќе од 300 автобуски постојки во „станици“ за пчели. Тие ги покрија овие постојки со растенија кои ја заробуваат ситната прав во воздухот и дождовницата, обезбедувајќи им на пчелите простор каде што ќе можат да застанат и да се одморат за време на нивниот напорен работен ден.
Во Британија, локалната франшиза на пица-брендот Papa John’s ја создадоа првата мини-пица во светот наменета за пчели, со различни цветови, полен, рузмарин и мајчина душица. Тие исто така создадоа и нова специјална пица за луѓето, подготвена со чили, кулен и мед. Преку нарачката на оваа пица потрошувачите има можност да го донираат својот кусур на локална непрофитна организација за заштита на пчелите.
Во 2021 година, преку океанот во САД, холивудската ѕвезда Анџелина Џоли се здружи со National Geographic и пред фотографот Ден Винтерс позираше цели 18 минути покриена со пчели на телото и лицето. Овој перформанс имаше за цел да го привлече вниманието на јавноста кон иницијативата „Жени за пчелите“, која тогаш си постави за цел да изгради 2.500 пчеларници до 2025 година, да обнови 125 милиони пчелни животи, како и да обучи и поддржи 50 жени кои се занимаваат со пчеларство.
Македонија, пак, го имаше можеби најгласниот, а секако најкреативниот проект во светот во чиј фокус се најдоа пчелите – неповторливиот „Медена земја“! Овој документарен филм не само што ја стави Македонија на светската кинематографска мапа, туку и се наметна како национален бренд кој треба да го негуваме и развиваме: Брендот Honeyland за брендот Македонија!
Овогодишните напори на агенцијата UM Скопје продолжуваат во таа насока, подигнувајќи ја општата јавна свест за значењето на пчелите, но истовремено и истакнувајќи ја долгата пчеларска традиција на Македонија како вистинска „Медена земја“.