Агенциската групација Interpublic Group соопшти неколку промени на високите раководни позиции со кои голем број извонредни и искусни директори ќе преземат значајни нови одговорности во холдинг-компанијата.
Досегашниот глобален извршен директор на IPG Mediabrands, Дерил Ли, е именуван за нов глобален извршен директор на McCann Worldgroup. На местото на Ли во IPG Mediabrands доаѓа Ајлин Кирнан, додека пак актуелниот извршен директор на McCann Worldgroup, Бил Колб, оди на позицијата Претседател на McCann Worldgroup.
Иако овие промени стапуваат на сила веднаш, тројцата директори ќе продолжат да работат со нивните постоечки тимови и клиенти во текот на следниот месец за да се осигураат дека сите неопходни транзициски активности поврзани со нивните нови улоги ќе бидат завршени до 6 септември 2022 година.
Генералниот извршен директор на IPG, Филип Краковски, го посочи долгогодишниот лидерски успех на Дерил Ли, во однос и на медискиот и на креативниот бизнис на групацијата, како катализатор за неговото назначување да раководи со водечката креативно фокусирана глобална мрежа на компанијата.
Краковски, исто така, ги истакна длабочината и широчината на искуството на Ајлин Кирнан и постигнатите исклучителни резултати кои им помагаат на брендовите да постигнат долгорочни цели за трансформација како клучни причини за нејзиното унапредување да го води медискиот агенциски бизнис на IPG. Со оваа нова улога, Кирнан ќе стане една од највисоко позиционираните жени директори во огласувачкиот сектор.