Во текот на изминатите неколку години, креаторите на содржини на социјалните мрежи одбегнуваат да користат лиценцирана музика во нивните видеа, главно поради страв од соочување со тужби за авторски права. Како резултат на тоа, многу видеа остануваат без никаква музика, на штета на публиката. Но, сега, со својата нова иницијатива, Фејсбук ќе се потруди да ги инспирира креаторите да ја вратат музиката во своите видеа.
Матичната компанија Meta во понеделникот соопшти дека воведува нова функција која овозможува споделување на приходите помеѓу изведувачите и креаторите на содржини кога овие вторите користат лиценцирана музика.
Со новиот модел за споделување приходи, корисниците кои создаваат содржини со музиката, а се подолги од 60 секунди, ќе имаат право да добијат 20% од огласувачките приходи, додека пак останатите 80% се претпоставува дека ќе бидат споделени помеѓу Фејсбук и носителот на музичките права.
Сепак, иако ова може да звучи како одличен чекор во вистинската насока за креаторите на содржини, има и некои ограничувања. Од сега, во договор со програмата што го надгледува новиот сервис, Rights Manager, ќе биде достапна музиката само од избрана група на изведувачи, вклучувајќи ги Post Malone, Tove Lo, Grupo La Cambia, Leah Kate и Bicep.
Меѓутоа, во објавеното соопштение, од Фејсбук наведуваат дека со текот на времето ќе продолжат да ја зголемува својата музичка библиотека и да го унапредуваат искуството во позитивна насока – и за корисниците и за музичарите.