Популарниот бренд на вотка и воедно еден од најпрепознатливите алкохолни брендови во светот, Smirnoff, ја започнал својата потрага по нова глобална креативна агенција, пренесува адвертајзинг магазинот Campaign.
Ревизијата, која наводно почнала уште пролетта, го означува крајот на соработката помеѓу брендот и агенцијата 72andSunny после 9 години на заедничка работа.
„Ние сме навистина горди на нашата работа со 72andSunny за Smirnoff и на тимот му посакуваме се најдобро“ – изјавил претставник на матичната компанија за алкохолни пијалаци Diageo, додавајќи: „Почувствувавме дека пролетта е вистинското време да започнеме со ревизијата на нашата глобална креативна агенциска поддршка за иконичниот глобален бренд“.
Двете страни се согласиле дека 72andSunny нема да учествува во ревизијата, која пак се остварува внатрешно од страна на тендерскиот тим на Smirnoff.
Според одредени извори, брендот оригинално разгледувал понуди од 20-тина поканети агенции, а потесниот избор паднал на три агенции, чиј победник ќе биде одлучен на есен. Договорот е вреден 3 милиони долари.