Откако Елон Маск се откажа од купопродажниот договор за аквизиција на Твитер вреден 44 милијарди долари, социјалната мрежа поднесе тужба против Маск во Канцеларискиот суд во сојузната американска држава Делавер. Судот потоа одлучи дека процесот треба да започне во октомври. Но, сега, работите дополнително се заплеткуваат.
Маск одлучил да поднесе контра-тужба против Твитер, обвинувајќи ја компанијата дека всушност таа го прекршила купопродажниот договор со тоа што не го соопштила точниот број на лажни профили кои оперираат на социјалната мрежа – што беше и оригиналната причина наведена од Маск зошто тој се откажал од купувањето на Твитер.
Според одредени извори, контра-тужбата која Маск ја поднел до судот се состои од 164 страници, кои за жал засега не се достапни на јавноста. Меѓутоа, според правилата на судот, наскоро би можела да се објави редактирана верзија на документот.
Во првата тужба на Твитер, компанијата го објави Маск дека со неговата понуда за купување на платформата направил “циркус” која само негативно се одразил врз имиџот и вредноста на компанијата. Но, според Маск, неоткривањето на точниот број на лажни и спам профили кои оперираат на платформата од страна на Твитер претставува нетранспарентна практика без која и всушност не може да се одреди вистинската вредност на социјалната мрежа.
Во петокот, пак, Маск се соочи и со дополнителна тужба од Луиџи Криспо, еден од акционерите на Твитер, барајќи од ексцентричниот милјардер да си ги исполни “доверителските обврски” и да им плати отштета на акционерите на компанијата за штетата која наводно им ја нанел.
Твитер, пак, пред скоро време ги објави и финансиските резултати за вториот квартал на годината, кои покажаа значителен пад во приходите. Како причини беа наведени драмата со Елон Маск, но и ослабениот огласувачки пазар на глобално ниво.
Елон Маск во моментов е најголемиот акционер во Твитер, поседувајќи 9.6% од вкупниот број акции на компанијата.