Во денешно време, дигиталната уметност е нераскинливо поврзана со технологијата на незаменливи токени (NFT). Со тоа на ум, како една од главните платформи за дигитална уметност, Инстаграм започнува со NFT интеграција.
Социјалната мрежа првпат тестираше NFT-а во мај оваа година, давајќи им на мала група креатори и колекционери во САД можност да ги покажат своите незаменливи токени онлајн. Сега, Инстаграм ги имплементира тие опции во над 100 држави во Африка, Азиско-Пацифичкиот регион, Блискиот Исток и Америките.
Извршниот директор на матичната компанија Мета, Марк Зукерберг, го соопшти проширувањето на новите функции во бизарна објава на вистинска бејзбол-карта на која се наоѓа неговоиот лик на девет години. Самата карта ќе биде “искована” како NFT.
Од Мета велат дека меѓународното проширување ќе помогне во „зајакнувањето на различните гласови“ и зајакнување на пристапноста до NFT-просторот, правејќи го „поинклузивен за сите заедници“. Уште во мај, Мета и Инстаграм рекоа дека дигиталните колекционерски предмети претставуваат уште еден интересен начин за уметниците и другите креатори на содржини да се изразат себеси, и што е најважно, да добијат нов начин за заработка.
Проширувањето вклучува разновидна поддршка за дигиталните паричници Coinbase, Dapper и Phantom, додавајќи ги на постојната листа сочинета од Rainbow, MetaMask и Trust Wallet.
Во моментов, апликацијата има интеграција на Ethereum и Polygon, а наскоро треба да следат и Flow и Solana.
Сè што треба да направат корисниците за да споделуваат незаменливи токени е да поврзат компатибилен дигитален паричник со својот Инстаграм. Откако ќе се поврзат, уметниците и сопствениците ќе можат да ги изберат дигиталните уметнички дела што сакаат да ги прикажат на Инстаграм, исто како да избираат фотографија од папката со фотографии. Инстаграм нема да наплаќа надомест за објавување или споделување незаменливи токени.