Американската медиска компанија Disney оваа недела ги соопшти резултатите за своето работење во фискалниот квартал од април до јуни. Според објавените бројки, Disney добиле нови 14.4 милиони претплатници на стриминг-платформата Disney+, доведувајќи го нивниот вкупен број до 221 милиони претплатници.
Ова значи дека Disney го надминаа нивниот главен ривал Netflix во “борбата на стриминг-сервисите”. Имено, Netflix на крајот на јуни објавиле вкупна бројка од 220.7 милиони претплатници, откако загубиле скоро 1 милион претплатници во текот на минатиот квартал.
Паралелно со објавувањето на бројките за бројот на претплатници, од Disney соопштија дека ќе ја подигнат цената за претплата без реклами кон нивниот сервис почнувајќи од декември. Досега, гледачите на Disney+ во САД требаа да плаќаат месечна цена од 7.99 долари, а од декември таа цена ќе порасне на 10.99 долари.
Порастот на цените е поврзан со најавите од компанијата за лансирање на нова верзија на стриминг-платформата, по поефтина цена, на која меѓутоа ќе се прикажуваат реклами.