Технолошкиот гигант Apple планира да ги зголеми годишните приходи од огласување, од сегашните 4 милијарди долари на повеќе од 10 милијарди долари.
Како што пренесуваат медиумите, компанијата веќе започнала со тестирање на спонзорирани резултати при пребарување во апликацијата Apple Maps, слично на ситуацијата во App Store. Имено, создавачите на апликации можат да ѝ платата на компанијата за нивните апликации да се најдат на насловната страна или повисоко во резултатите од пребарување во App Store.
Компанијата исто така планира да го зголеми обемот на реклами кои се прикажуваат токму во рамки на App Store, како на почетната страница на продавницата за апликации, така и на дното на страниците што содржат информации за разни апликации.
Се очекува дека воведувањето на реклами во Apple Maps и зголемувањето на нивниот обем во App Store е само почеток, при што во иднина може да се очекуваат реклами и во другите апликации на Apple поврзани со содржини како аудио подкасти и книги.
Apple во моментов најмногу заработува од продажбата на хардвер, првенствено паметните телефони iPhone, но во последните години се забележува нагорен тренд на зголемена заработка од разни софтверски услуги и огласување. Најголем дел од огласувачкиот приход на Apple доаѓа од App Store, Apple News и Stock, како и од преносот на бејзбол натпревари.