Како што автомобилската индустрија се придвижува кон поеколошки извори на енергија, водородот се јавува како фаворит меѓу новите алтернативни горива.
Францускиот бренд Renault неодамна претстави концепт на автомобил кој се движи благодарение на овој елемент кој инаку го има во изобилство. Сега, како чекор понатаму, германскииот BMW и јапонската Toyota, наводно, ги здружиле силите и знаењето за да развијат и масовно произведуваат теренци со погон на водород. Притоа, првиот модел на возилото се очекува да се појави на пазарот во 2025 година.
Зборувајќи за јапонскиот финансиски магазин Nikkei, официјален претставник на BMW рекол дека германските компании се запознаени со придобивките од автомобилите со водородни горивни ќелии, особено за поголемите теренци. Тој потоа посочил дека партнерството со Toyota бил очигледен избор, имајќи предвид дека компанијата работела на развој на ваквата технологија уште од 1990-тите.
Сепак, и покрај овој проект, BMW планираат да ја засилат трансформацијата на своето производство кон електрични автомобили. Производителот на автомобили до 2030 година има за цел 50% од своите продажби низ целиот свет, вклучувајќи ги и брендовите Mini и Rolls-Royce, да се состојат од електрични возила.
Компанијата нагласува дека активно работи на различни технологии за поеколошка автомобилска иднина, вклучувајќи електрични возила со батерии, водородни горивни ќелии и поефикасни мотори на внатрешно согорување.