Вчера објавивме информација дека Бизнис Академија Смилевски (БАС) воведуваат нова програма за прв циклус на студии по маркетинг менаџмент, па по тој повод имавме можност да разговараме и со Маја Кузмановска, директорка на БАС, ексклузивно за читателите на Маркетинг365.
M365: Како дојдовте до идејата за акредитирање на студиска програма по маркетинг менаџмент?
Маја Кузмановска: Бизнис академија Смилевски БАС е акредитирана високообразовна установа која успешно функционира во областа на високото образование уште од 2007 година. Истата нуди додипломски и постипломски студии. Студиските програми на двата циклуси се внимателно конципирани и во согласност со барањата на пазарот. Години наназад од нашата институција излегуваат дипломирани бизнис и стратегиски менаџери кои успешно пливаат во водите на менаџментот. И особено сме горди на тоа што нашето мото „спремни за работа уште од првиот ден“ е реалност.
Но, промените кои секојдневно се случуваат бараат нови профили на менаџери кои успешно ќе се прилагодат на современите барања предизвикани од ерата на дигитализација. Тоа не поттикна да спроведеме истражување преку кое ќе ги испитаме ставовите и мислењата на моменталните и потенцијалните студенти околу потребите на нови вештини и компетенции кои ќе влијаат на зголемување на конкурентноста на пазарот на труд. Дополнително, искуствата на наште студенти при нивното вработување по завршување на студиите како и искуствата од изведбата на студентската пракса која е задолжителна на БАС, само ја потврдија потребата од креирање на нова, атрактивна и модерна студиска програма по Маркетинг менаџмент.
Сите сме сведоци на едно ново време, сменети вредности, зголемени очекувања, нови навики, инстант барања, брзи информации. Во вакви услови на живеење потребата од создавање на сопствен идентитет кој на автентичен начин ќе ги задоволува уникатните потреби на потрошувачите се наметна како најголем приоритет кај компаниите. Особено, имајќи го во предвид фактот за постоење на хиперпродукцијата која никако да стивне, лажни брендови, непрофесионална услуга, незадоволни потрошувачи, неконзистентност во испорачување на квалитет и генерално непрофесионален пристап во работата. А маркетинг филозофијата преку холистичкиот пристап има за цел да постави концепција на работа која ќе се темели на претходно утврдени вредности кои ќе им помогнат на компаниите сигурно да чекорат кон успехот.
Токму затоа ја создадовме студиската програма по Маркетинг менаџмент која ќе профилира кадри што се потребни на пазарот на труд повеќе од било кога. Кадри кои ќе придонесат во процесот на позиционирање на компаниите преку формулирање на конкретни маркетинг стратегии што ќе создадат уникатни и автентични брендови; кадри кои новото знаење и вештини успешно ќе го применат во идни истражувачки проекти; кадри кои имаат развиено критичко мислење и брзо може да се прилагодат на промените, и секако кадри кои пред се знаат дека потрошувачот е во фокусот на внимание на секоја компанија и се тргнува и завршува со него.
M365: Кажете ни нешто повеќе за структурата на програмата и предметите.
Маја Кузмановска: Студиската програма Маркетинг менаџмент на додипломските студии ја подготвивме во согласност со светските студиски програми бидејќи сакаме на нашите студенти да им понудиме применливо и практично знаење кое ќе можат да го применат како во домашни, така и во странски компании. Студиите траат 3 години. Студентот се стекнува со 180 кредити, а звањето кое го добива е дипломиран маркетинг менаџер. Истото нуди широка перспектива за вработување бидејќи моментално е многу атрактивно на пазарот на труд.
Студиската програма овозможува студентите и теоретски и практично да се стекнат со компетенции што ќе ги направат конкурентни на пазарот. Преку задолжителните предмети нуди комбинација од научни сознанија од повеќе области кои им помага на студентите да ја зголемат својата експертиза во полето на Маркетингот, и тоа преку: Интегрирани маркетинг комуникации, Дигитален маркетинг, Грижа за корисници, Бренд менаџмент, Промотивен маркетинг, Внатрешен маркетинг, Социјален маркетинг. Изборните предмети пак овозможуваат проширување на видиците и надополнување на вештините преку низа предметни програми како на пример: Меѓународен маркетинг, Веб платформи, Продажбен менаџмент, Сегментирање на пазарот, Стратегиски маркетинг и многу други.
Наставата е исклучиво интерактивна, студентот е секогаш на прво место, а многубројните студии на случај ги доближуваат до реалноста и им помагаат во процесот на нивното осознавање и откривање.
Задолжителните и изборните предмети можете да ги погледнете на следниот линк.
M365: Кои се кариерните можности на студентите кои ќе се запишат на оваа програма?
Маја Кузмановска: Вреди да се спомене и Центарот за кариера кој им помага на нашите студенти да си ја откријат професијата која е најсоодветна на нивниот тип на личност и професионални предиспозиции согласно можностите кои се нудат, а се во согласност со Националната класификација на занимања. Постои широк спектар на позиции кои се бараат како на домашен така и на странски пазар, а со стекнатото знаење студентите се целосно соодветни и компатибилни. Само како пример ќе наведам неколку од професиите: Директор на маркетинг сектор, Директор на продажба, Менаџер за продажба, Менаџер за социјални медиуми, Комерцијалист, Менаџер на онлајн продавница и сл.
M365: Како се одвива наставата во БАС?
Маја Кузмановска: Студентот е во фокусот на вниманието и целиот тим на БАС се труди да излезе во пресрет на сите барања кои се во согласност на нашите можности и капацитети. Главна водилка е нашата мисија „секој студент е своја приказна“ по која се водиме повеќе од 10 години за сите наши студенти (редовни, вонредни и постипломци). Потврда за тоа е стилот на настава кој е автентичен по начинот на кој се имплементира преку посебна методологија која бара интеракција и максимална вклученост на секој студент.
БАС нуди два начини на студирање: редовно и вонредно.
Редовните студии се одвиваат во 15 седмични семестри. Предавањата почнуваат наутро (најчесто во 9ч.). Седмата и петнаесеттата недела се колоквиумски. Предавањата се интерактивни и се комбинација од теорија што ја презентира професорот и практични вежби кои студентите ги одработуваат индивидуално или најчесто тимски. Овој тип на студирање е наменет најмногу за матурантите кои веднаш продолжуваат со процесот на образование, по завршување на средно.
Важно да се спомне за редовните студенти е дека имаат преку 100 дена практична настава за време на студиите. Практичната настава ја реализираат во наши партнерски организации каде работат на реални задачи под надзор на обучени БАС ментори, а за целиот процес се грижи наш координатор за практична настава.
Вонредните студии се идеални за оние кои се во работен однос, а сепак сакаат да се стекнат со високо образование. Кај вонредните студии се слуша и полага предмет по предмет. Секој предмет е составен од 5 предавања, изработка и презентација на семинарска и полагање на испит. Предавањата се попладне од 17.30 или 18ч во договор со професорот.
Како дел од вонредното студирање се и студиите на далечина кои се наменети за студенти кои живеат и работат надвор од Македонија, а сакаат да се стекнат со високо образование и призната диплома. Пристапот кон овие студенти е индивидуален, каде ги добиваат потребните материјали од професорот, имаат консултативни средби и кога се подготвени го полагаат испитот. За целиот процес да тече без проблеми се грижи координатор за студии на далечина.