Како што верувам добро знаете во Република Македонија секогаш изборите се оддржуваат во Недела, а саботата, денот пред гласањето, се смета за ден во кој важи изборниот молк, односно ден во кој е забрането било како политичко рекламирање со цел на гласачите да им се остави “слободен простор“ да размислат и без да подлежат на притисоци од таков карактер да ја донесат својата одлука за кого би гласале наредниот ден.
Меѓутоа, дали изборниот молк значи дека кандидатот треба да се повлече во својот дом и денот/периодот пред изборите да нема никакви активности? Секако дека НЕ!
Последните денови (или последниот ден) од изборниот циклус, кандидатот може, на пример, да присуствува на некој јавен “неполитички“ настан, кој не е поврзан со политичката камапања – но може да се искористи во прилог, бидејќи наредниот ден најверојатно ќе биде споменат во локалните медиуми.
За да би се добиле посакуваните резултати, организацијата на тој настан треба да започне од самиот почеток на изборната кампања (дури вакви средби се планираат и препорачуваат и пред кампањата официјално воопшто да започне) и да се додели на некое тело или здружение кое на никој начин не е поврзано со политичката активност на кандидатот.
Некоја работилница, панел дискусија, семинар, театарска претстава или спортски натпревар се само дел од идеите кои кандидатите и нивните штабови треба да ги разгледаат како предлог за организирање на настан на денот кога трае изборниот молк – каде кандидатот може да присуствува, да биде меѓу луѓето и да поработи на својот политички “бренд“.
Ако се организира некаква работилница, панел дискусија или тркалезна маса, пожелно е на неа да се поканат звучни имиња на експерти од областа кои сами по себе влечат ексклузивитет на настанот и предизвикуваат внимание кај луѓето и медиумите.
Тема на работилницата би требало да биде нешто што е во доменот на професијата и познавањата на кандидатот и каде што тој би можел да има свое излагање како стручен по определени конкретни теми.
Да се разбереме, јасно е дека одлуката на еден гласач нема да биде условена со тоа што дотичниот кандидат ќе се појави или не во улога на протагонист на определен настан – НО, тоа веројатноќ е ја зацврсти неговата наклоност кон кандидатот и ќе им даде поголема тежина на другите пораки истакнати од кандидатот за времето на изборната кампања.
Освен на работилници, тркалезни маси или дебати, кандидатот може да учествува и на други манифестации, да речеме, од спортски карактер. Таму тој би бил почесен гостин, можеби би го отворил натпреварот, би доделил некаква награда и сл. – сето тоа се прилики кои треба однапред да бидат испланирани и кои овозможуваат со посредство на медиумите – името и имиџот на кандидатот непрекинато да бидат пред очите на гласачите.