Брендот на спортски пијалаци Gatorade се здружи со поп-ѕвездата Бијонсе за нова телвизиска реклама во која се слави професионалната тениска икона Серена Вилијамс, со која брендот одржува долгогодишно партнерство.
Спотот насловен “Love means everything” („Љубовта значи сè“) дебитираше за време на доделувањето на MTV Video Music Awards, непосредно пред почетокот на тенискиот турнир US Open.
Краткиот филм, кој трае нешто помалку од две минути, ја нагласува самодовербата и талентот на Вилијамс на тениските терени, како и инспирацијата што таа им ја дава и несомнено ќе продолжи да ја дава на безброј млади луѓе.
Наратор на спотот е американската поп-ѕвезда Бијонсе, која наводно била блиска пријателка на Вилијамс, додека пак режијата е дело на Џејк Нава.
„Неизмерното влијание на Серена се протега многу подалеку од теренот. Нејзината непоколеблива љубов кон играта, себеси и заедницата започна движење што инспирираше милиони. Како долгогодишен член на семејството Gatorade, „Љубовта значи сè“ го слави движењето на зајакнување и љубов што Серена го отелотворува додека продолжува да ја инспирира следната генерација“ – истакнува Кален Торнтон, главен маркетинг директор на Gatorade.
Кампањата се реализира со помош на агенцијата TBWA/Chiat/Day.