По повеќе од една деценија молби од корисниците, се чини дека Twitter конечно прави пообемни тестови за воведување на копче за уредување. Првите индиции дека платформата работи на ова копче се појавија во април.
„Ова е само тест“, предупредува насловот на изненадувачкиот блог пост на социјалната платформа. И покрај предупредувањето, не е изненадување што корисниците на платформата се задоволни, при што компанијата за прв пат потврди дека функцијата „се тестира од нашиот тим внатрешно“.
Истакнувајќи дека копчето за уредување е нејзината „најбарана карактеристика досега“, компанијата рече дека тестот првично ќе биде проширен на претплатниците на Twitter Blue во наредните недели.
Според соопштението на Твитер, функцијата ќе им овозможува на корисниците да прават измени на нивните твитови во ограничено време откако ќе бидат објавени.
„Сфатете го тоа како краток временски период за да направите поправка на печатни грешки, додавање пропуштени ознаки и повеќе“ – објаснуваат од Твитер.
За време на тестот, на претплатниците ќе им биде дозволено да ги уредуваат своите твитови неколку пати во период од 30 минути откако ќе бидат објавени.
Со цел сé да биде транспарентно и другите корисници да бидат свесни кога некој твит е уреден, кај изменетите твитови ќе се појави икона, временски печат и ознака што сигнализира дека оригиналот е променет.
Компанијата вели дека корисниците исто така ќе можат да ја видат целата историја на уредувања на твитот, вклучувајќи ги сите негови минати верзии.
„За контекст, временското ограничување и историјата на верзијата играат важна улога овде. Тие помагаат да се заштити интегритетот на разговорот и да се создаде јавно достапен запис за она што е кажано“ – посочуваат од Твитер.