После три години развој, популарниот италијански чоколаден бренд Ferrero Rocher конечно е подготвен да ја лансира својата најнова иновација – премиум чоколадни плочки (Premium Chocolate Bars).
Познатиот чоколаден производител ги зеде своите култни чоколадни топчиња обвиткани во златно обоена фолија и ги реинтерпретираше во „плочки“, овозможувајќи им на фановите да го споделуваат омилениот чоколаден вкус и во форма на квадратни плочки во четири нови вкусови.
Со цел да се дојде до совршените комбинации, тим од 50 луѓе тестирале повеќе од 300 рецепти за да бидат избрани оние кои отелотворуваат „рамнотежа на вкус и текстура за најквалитетна чоколадна плочка“.
Завиткани во препознатливата златна обвивка, четирите чоколадни плочки содржат различни кремасти филови, и тоа: „оригинален млечен лешник“, „55% темен лешник“, „бел лешник“ и „лешник и бадем“.
Чоколадните плочки ќе доаѓаат со „купола“ врз нивната квадратна основа, алудирајќи на препознатливиот топчест облик на главниот производ на брендот.
„Дизајнот на амбалажата резонира со нашиот потрошувач и со сето она што тие го бараат во една премиум чоколадна понуда. Занаетчискиот аспект е навистина неспоредлив“ – посочува Марк Вејкфилд, виш потпретседател за премиум чоколади за пазарот на Северна Америка во Ferrero Rocher.