Најголемиот телевизиски пазар во регионот на Централната и Источна Европа слави јубилејно издание
Клучниот регионален настан во телевизиската индустрија, NEM Dubrovnik, следната година ќе го прослави своето јубилејно 10-то издание. Од 5 до 8 јуни 2023 година, водечките имиња од ТВ професијата и бизнисот по десетти пат ќе се соберат во Дубровник!
Сања Божиќ Љубичиќ, сопственичка на хрватската агенција за маркетинг и ТВ индустрија Mediavision, која истовремено е и иницијатор на брендот New Europe Market (NEM Dubrovnik и NEM Zagreb) им се заблагодари на бројните учесници кои придонеле во градењето на „телевизискиот пазар со добар поглед“.
„2023 година ќе биде одлична година за NEM и агенцијата Mediavision. Од првото издание до денес доживеавме бројни незаборавни моменти кои ни го втурнаа ветрот за нашите едра за создавање нови, уште подобри моменти. Изминатата деценија донесе драстична трансформација на ТВ индустријата, а NEM Dubrovnik го следеше нејзиниот развој – а подоцна, истото го правеше и NEM Zagreb како зимско издание. Ја користам оваа можност да им се заблагодарам на сите компании кои нé поддржаа, на професионалците кои спремно го споделија своето знаење, на медиумските партнери кои со задоволство ги следат нашите содржини и на посетителите кои секоја година го чекаат јуни. Посебна благодарност до нашиот организациски тим кој го дава својот максимум од година во година за секое издание да биде подобро од минатото“ – истакнува Сања Божиќ Љубичиќ.
По повод јубилејот, NEM Dubrovnik претстави и специјален визуелен приказ за 10. издание на фестивалот. Визуелното решение го претставува бројот десет, како и сонцето што заоѓа во морето зад препознатливите дубровнички гребени и светилникот – тоа е глетка во која уживаат сите посетители на телевизискиот пазар со најубав поглед, а на која сите се навраќаат затоа што потсетува на комбинацијата „бизнис и задоволство“.
Од 2013 година, Дубровник, еден од најубавите хрватски крајбрежни градови, ги собира најдобрите светски медиумски експерти, панелисти и презентери за да коментираат за новите трендови, различните стратегии и промените во телевизискиот бизнис. Така, четири дена Хрватска станува европски центар за квалитетно вмрежување и размена на идеи преку панели, презентации, претставување на нови телевизиски содржини и други релевантни настани за ТВ индустријата.
Претставници на повеќе од 180 глобални и локални компании учествувале на NEM Dubrovnik во текот на изминатите години, вклучувајќи ги Eutelsat, Deutsche Telekom, A1 Telekom Austria Group, United Group, Comcast, Irdeto, NAGRA, Global Agency, Warner Bros. Discovery, AMC Networks International, BBC Studios, Paramount, Disney, NBCUniversal, Fremantle, Sony Pictures Television, Pickbox, MGM, ITV Studios Global Entertainment, Viasat World, Telekom Srbija Group, Prva Srpska Televizija, ZDF, BETA Film, HRT, Nova TV, RTL Hrvatska, RTL Hungary и многу други.
Повеќе информации за настанот и котизацијата за учество може да се најдат на официјалната страница на NEM Dubrovnik 2023.