Холивудските актери и здружени сопственици на велшкиот фудбалски тим Врексам АФЦ, Рајан Рејнолдс и Роб МекЕлни, се заштитните лица на новата кампања „Води од позади“ (“Lead from Behind”) која има за цел подигнување на јавната свест за ракот на дебелото црево како болест која што може да се спречи.
Кампањата е резултат на партнерство помеѓу непрофитната организација Colorectal Cancer Alliance и креативната агенција на Рејнолдс, Maximum Effort. Кампањата вклучува видеоспот во кој популарниот 45-годишен актер прави колоноскопија.
Спотот се базира врз следната приказна: двајцата пријатели Рајан Рејнолдс и Роб МекЕлни направиле облог – доколку МекЕлни научи велшки, Рејнолдс ќе мора да направи колоноскопија која ќе биде јавно емитувана. Со оглед на тоа што МекЕлни навистина научил велшки (барем неколку реченици), Рејнолдс морал да го исполни својот дел од облогот.
Целта на кампањата е да ги намали мистериозноста и стигматизацијата поврзани со колоноскопијата и да ги поттикне луѓето да ја реализираат оваа потенцијално животоспасна медицинска процедура.
Според организацијата Colorectal Cancer Alliance, ракот на дебелото црево е болест која што може да се спречи доколку се прават редовни прегледи. Со оглед на тоа што Рејнолдс и МекЕлни имаат наполнето 45 години, тие веќе се наоѓаат во ризичната група на луѓе кои што треба да ја извршат оваа проверка.