Утре, среда 24 декември, со почеток од 11:00 часот на Факултетот за арт и дизајн – Европски универзитет во Скопје ќе се одржи презентација на резултатите од работилницата за Ре/дизајн на производи од здрава и органска храна, која се одржа од 9 до 12 декември на Факултетот. Работилницата следи по семинарот за дизајн на прехранбени производи одржан на 21 ноември, во чии рамки гостуваше и м-р Рената Томерлин, директор на Секторот за развој на амбалажа во Подравка д.д. од Р. Хрватска.
Идејата на овој проект, кој е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија преку активностите за развој на Креативните индустрии, е да се истакне економскиот потенцијал на квалитетно дизајнираните производи од традиционалната и органска храна – важно културно обележје на нашата држава. Вложувањето во амбалажата и дизајнот на производот значи и вложување во квалитетот на крајниот продукт, во насока на создавање препознатлив македонски бренд. Во тој дух, дизајнерите на работилницата креираа модерни дизајнерски решенија за веќе постоечки домашни производи, внесувајќи дел од традицијата на автентичните рачни изработки, везовите, писмото.
Беа разработувани концепти за производи на „Европа“ Скопје, „Велвин“ од Велес, „Иваноски“ од Крушево и други домашни производители.
На работилницата учествуваа десет млади дизајнери и студенти по дизајн: Ариан Алиу, Даниела Коцевска, Сузана Миновска, Дарко Ѓорѓиев, Фросина Миноска, Јована Шишковска, Маја Јаќимовска, Октај Омерагиќ, Татјана Дукоска и Марјан Виторијоски. Ментор на работилницата беше проф. м-р Гордана Вренцоска од Факултетот за арт и дизајн.По презентацијата на новите дизајнерски решенија, на учесниците во работилницата ќе им бидат доделени сертификати за успешно завршената обука за дизајн на амбалажа.
Проектот „Ре/дизајн на производи од здрава и органска храна“ го реализираше Здружението „Македонски совет за дизајн“ со помош на Факултетот за арт и дизајн, Европски универзитет – Р. Македонија, Скопје.