Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, во вчерашниот говор пред Генералното собрание ја нападна индустријата за односи со јавноста поради нејзината подготвеност да ја „штити индустријата за фосилни горива од критичка проверка“.
Гутереш инсистираше на тоа дека „загадувачите мора да платат“, велејќи им на присутните на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк: „Треба да бараме одговорност од компаниите за фосилни горива и нивните овозможувачи“.
„Тоа ја вклучува и огромната машина за односи со јавноста која инкасира милијарди за да ја заштити индустријата за фосилни горива“ – додаде Генералниот секретар на ОН.
„Исто како што тоа го правеа за тутунската индустрија децении претходно, лобистите и спин докторите исфрлаат штетни дезинформации. Компаниите за фосилни горива треба да трошат помалку време за избегнување на ПР катастрофа, а повеќе време за избегнување на планетарна катастрофа“ – посочи Гутереш.
Говорот доаѓа неколку дена по објавувањето на новиот извештај на организациите Clean Creatives и Comms Declare, кои се залагаат за екологијација на комуникацискиот сектор. Во извештајот беа откриени детали за 239 огласувачки и ПР агенции кои работат за компании за фосилни горива.