Новата апликација за радио во живо од Amazon, именувана како Amp, ја лансираше кампањата “Find Your Wavelength” („Пронајдете ја вашата бранова должина“), со која ја запознава публиката со еден живописен и шарен свет на споделување содржини и откривање на музика.
Кампањата ги претставува вистинските луѓе кои емитуваат радио емисии во живо преку апликацијата Amp, каде што креаторите можат да бидат диск-џокеи на сопствени радио емисии без никакви трошоци, заедно со некои од најголемите имиња во индустријата, вклучувајќи ги Лил Јахти, Џош Ричардс, Џо Баден и многу други.
Користејќи ја целосно лиценцираната музичка библиотека на Amp, која е составена од десетици милиони песни, радио-платформата е место за составување плејлисти, препорачување музика и помагање на корисниците во реално време да откријат нова музика од луѓето што ги инспирираат.
Во централниот спот насловен “The Garden of Music” („Градината на музиката“) гледаме девојка која метафорично патува низ апликацијата. Таа слетува во земја на волшебни градини од каде се слушаат различни музички стилови. Девојката прави пауза и танцува во секоја една од нив, додека конечно не дојде до последната – нејзиното сопствено радио шоу, каде што откриваме дека нејзината посакувана бранова должина е прилично неочекувана: “Hell Awaits” од треш-метал бендот Slayer.
Покрај видеоспотот, кампањата се состои и од повеќе out-of-home реклами поставени на видни локации во поголемите американски градови, кои што изразуваат младешки и свеж дизајн со комбинација на шарени бои, разигран фонт и портрети на некои од популарните кратори активни на Amp.
Кампањата се реализира во партнерство со креативната агенција 72andSunny.