Во петокот, на 23 септември, во прекрасниот хрватски град Ровињ се одржа наградната церемонија на фестивалот Golden Drum 2022, поддржана од Mastercard, на која беа доделени награди за најкреативните кампањи во изминатата година. Домаќин на фестивалскиот ден беше Weekend Media Festival, каде што присутните имаа можност да ги обноват врските и по две години повторно да се видат лично.
Жирито на Golden Drum додели вкупно 31 бронзена награда, 28 сребрени награди, 24 златни награди и 9 Grand Prix награди во различни групи и категории.
Трета година по ред, Publicis Italy од Милано ја доби титулата „Агенција на годината“, придонесувајќи за севкупниот успех на Publicis Groupe која собра најмногу поени и беше прогласена за „Агенциска мрежа на годината“.
Пивскиот бренд Heineken беше прогласен за најдобар бренд кој оставил белег и ја доби наградата “Brand Grand Prix”. Креативниот директор од Publicis Italy, Ејин Шери, кој стои позади кампањата “The Night is Young”, ја доби престижната титула за „Kреативен директор на годината“, која оваа година беше поддржана од компанијата Elan, овозможувајќи брза креативност и на белите падини.
Титулата „Независна агенција на годината“ ја доби унгарската агенција White Rabbit Budapest.
Годинава за прв пат Golden Drum прогласи и „Продукциска агенција на годината“ и „Дигитална агенција на годината“, а наградите беа од Coca-Cola. За продукциска агенција на годината беше прогласена грчката Good People, додека пак титулата за дигитална агенција на годината ја доби израелската DIBOOR.
Секцијата на Големото Жири ја доделуваше и наградата за „Најдоброто од Ковид-19“, како награда која ги одбележува делата создадени како одговор на пандемијата на коронавирус. Оваа награда отиде во рацете на агенцијата Publicis Italy за кампањата „The Night is Young“, создадена за брендот Heineken. Исто така, наградата “Best of Genius Loci”, која ги слави локалните дела кои го претставуваат нивниот препознатлив локален дух, отиде во рацете на Publicis Italy за кампањата “Bottega for Bottegas” создадена за брендот Bottega Veneta. Наградата за „Најдобро од општественото добро“, која ги слави општествено корисните акции, отиде кај Seven.One AdFactory/Creative House, Unterföhring и White Rabbit Budapest за кампањата “#flutwein – Our Worst Vintage” создадена за Flutwein.
Најуспешната кампања од Јадранскиот регион, која ја доби специјалната награда за „Јадранска агенција на годината“ поддржана од Zavarovalnica Triglav, беше “Beestro” на хрватската Imago Ogilvy.
Најновиот член на Golden Drum Hall of Fame е Јорг Риоми, генерален креативен директор на Publicis Groupe CEE, кој се придружи на избраната група креативни визионери кои инспирирале и имале најголемо влијание врз светот на креативноста каков што го знаеме.
Најдоброто креативно решение за брифот на натпреварот за млади креативци Young Drummers, поддржан од Словенечката туристичка организација, е “Intergalactic Tourism” на романските автори Ана Флоареа и Марио Франциско, кои за него добија награда од 1.000 евра. Симона Ничева од Македонија влезе во потесниот избор, со кампањата “Find Yourself”.
Победниците дома однесоа одржливи трофеи направени од еколошки материјали.
Честитки за сите победнички идеи, поединците и тимовите зад нив!