„Да ги гушнеме и слушнеме“ е мала пауза во забрзаното секојдневие. Тоа е миг во кој помислуваме на нашите родители, на нашите баби и дедо, на постарите членови од семејството, за кои имаме сè помалку време.
Со креативни билборди поставени на неколку места низ Скопје, Халкбанк ја најавува новата кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“. Топлата и емотивна порака е испратена преку силни илустрирани сцени од секојдневието на повозрасните луѓе.
„Да ги слушнеме и гушнеме“ тргнува од прашањето: Што им е потребно на постарите за да почувствуваат задоволство или радост? Најважно е да се чувствуваат корисно. Да почувствуваат дека ни се потребни, да им покажеме дека имаат уште многу што да понудат. Да им покажеме дека староста не е пречка, туку извор на мудрост. Оваа генерација е неисцрпен извор на љубов и знаење, што ни се потребни на сите, бидејќи нашата заедница и култура не се темелат само на делата на научници, интелектуалци, јавни личности, туку и на безброј вредности од анонимните херои што ги среќаваме секојдневно, со кои сме пораснале или од кои сме учеле. Токму затоа Халкбанк проектот симболично го започна на 1 октомври, Светскиот ден на старите лица, а вчера и со средба со пензионираните колеги, кои го споделија своето искуство и знаење со сегашните вработени.
-„Да ги слушнеме и гушнеме“ им се обраќа на помладите, на децата и на внуците, кои во трката со брзото секојдневие некогаш и не можат да одвојат време за своите родители, баби и дедовци. Ова е повик за освестување за секој од нас, дека од постарите можеме да научиме многу, бидејќи тие се чувари на мудроста. Ние започнавме со нашите повозрасни колеги, кои се веќе во пензија, затоа што сметаме дека имаат уште многу што да пренесат на оние кои сега седат на нивното работно место. Искуството на постарите за нас е инспирација и, впрочем, тоа е една од максимите или активностите и на оваа голема кампања, на која се надеваме дека ќе се приклучат многу организации и здруженија и која треба да допре до што повеќе луѓе – вели Маја Наумовска – Савеска од Халкбанк АД Скопје.
„Да ги слушнеме и гушнеме“ ќе се одвива во неколку етапи, во соработка со повеќе категории граѓани: пензионерски здруженија, домови за стари лица, училишта и градинки низ целата земја. Интегрираната кампања обединува најразлични активности и ќе се одвива на сите канали за комуникација, вклучувајќи ја и документаристичката компонента.