По неколкумесечни шпекулации околу Netflix и нивното претстојно основно ниво на претплата, дополнително поддржано со реклами, компанијата официјално го потврди датумот на лансирањето на “Basic with Ads” – 3 ноември.
По цена од 6,99 американски долари месечно, новиот план за претплата со реклами на Netflix е 3 долари поевтин од основното ниво без реклами од 9,99 долари и поевтин од понудите на конкурентите Hulu (7,99 долари) и на HBO Max (9,99 долари) со реклами.
Според Netflix, основното ниво со реклами првично ќе биде достапно во 12 земји, вклучувајќи ги Австралија, Бразил, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Кореја, Мексико, Шпанија, Велика Британија и САД.
Компанијата вели дека претплатниците на новото претплатничко ниво ќе продолжат да уживаат во разновидна понуда на телевизиски серии и филмови, вклучувајќи персонализиран алгоритам и почетна страница.
Меѓутоа, за разлика од претплатничкото ниво без реклами, квалитетот на видеото ќе оди само до 720p/HD, со просечни четири до пет минути реклами на час. Секоја реклама ќе трае 15 или 30 секунди и ќе се репродуцира пред или за време на филмовите.
Исто така, корисниците нема да можат да симнуваат емисии, а одредени филмски серии нема да бидат достапни поради ограничувањата за лиценцирање.