Како една од првите програми што обично ги преземаме на нашите компјутери и лаптопи, Microsoft Office стана дел од секојдневната работа на многу луѓе уште пред почетокот на милениумот. Но, сега, три децении подоцна, Microsoft одлучи дека е време конечно да го повлече името “Office”, иако пакетот алатки ќе остане дел од “Microsoft 365”, со ново лого во форма на синo-виолетова лента.
Компанијата веќе го преименуваше пакетот Office 365 во Microsoft 365 уште во 2017 година, но сега го менува целото име на домејнот.
Компанијата ја објави веста на својата годишна конференција Ignite минатата недела, потврдувајќи дека Office.com, нејзината мобилна апликација и нејзината апликација за Windows ќе бидат ребрендирани со нов изглед и икони во наредните месеци.
Клучната разлика помеѓу двете е тоа што Microsoft Office беше еднократно купување, додека пак Microsoft 365 ќе функционира како месечна претплата, заедно со редовните ажурирања кои им овозможуваат на корисниците постојано да го надградуваат софтверот.
За оние кои не се премногу заинтересирани за моделот на претплата, технолошкиот гигант вели дека сепак ќе нуди опции за еднократно купување за поединечни апликации, вклучувајќи ги Word, Excel и Outlook.
Софтверскиот пакет наскоро ќе биде ажуриран со нови функции, вклучително и централна „контролна табла“ за сите кориснички датотеки низ различните апликации и функцијата „feed“ што ќе овозможи брз преглед на сите задачи за работниот денот.
Новиот Microsoft 365 треба да се појави овој ноември, а промените на Office за паметни телефони и Windows се очекуваат во јануари 2023 година.