Брендот за брза храна McDonald’s не штеди пари за новата кампања насочена кон промовирање на новиот бургер со поховано пилешко McCrispy на британскиот пазар.
Имено, брендот ангажираше повеќе јавни личности од британскиот медиумски еко-систем за да се најдат во централниот рекламен спот за новиот бургер, вклучувајќи ја телевизиската водителка Маја Џама, комичарот Кит Лемон, раперот Мајкл Дапаа и јутјуберката Elz the Witch.
![](https://marketing365.mk/wp-content/uploads/2022/10/McDonalds-McCrispy-Launch-2022-1.jpg)
Спотот се состои од повеќе сцени во кои различни луѓе, инаку страсни љубители на пилешкото месо, уживаат во новиот сендвич со поховано пилешко на McDonald’s. Притоа, како обединувачка нишка во спотот, покрај сендвичот, се јавува телевизиската презентерка Маја Џама која во сцените им коментира на љубителите на пилешко.
Покрај видеоспотот кој ќе се емитува на телевизија, McDonald’s исто така ќе организира и спонзорира физички настани за промоција на McCrispy, а ќе постави и принт реклами во најпопуларните дневни весници.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Leo Burnett UK, додека пак медискиот закуп е задача на агенцијата OMD.
По повод лансирањето на кампaњата, генералниот креативен директор на Leo Burnett UK, Марк Елвуд, посочи: „Со референци кои привлекуваат широка публика, кампањата за McCrispy се поврзува со различни аспекти на културата во Обединетото Кралство: од уживање во сендвич на вашето работно биро до јадење при возењето до универзитет… рекламата има за цел да резонира со сите љубители на пилешкото во Обединетото Кралство“.