„Птицата е слободна“ – напиша милјардерот Елон Маск, откако по неколкумесечна драма конечното го комплетираше купувањето на социјалната мрежа Твитер. За преземање контрола врз социјалната мрежа, Маск треба да плати 44 милијарди долари.
Според NPR, новиот сопственик на Твитер веќе отпуштил неколку високи функционери во компанијата, вклучувајќи го генералниот извршен директор Параг Агравал, генералниот финансиски директор Нед Сегал и главната правна советничка Виџаја Гаде. Порано неделава се проширија најави дека Маск планира значително да го намалу бројот на работни места во Твитер.
Неколку часа пред комплетирањето на договорот, Ројтерс пренесе изјава на Маск во која тој вели дека: „Фундаментално, Твитер се стреми да биде најпочитуваната огласувачка платформа во светот која го зајакнува вашиот бренд и го зголемува вашиот капитал“. Со оглед на тоа дека Твитер е најмалку профитабилната компанија во конкуренција на светски најпопуларните социјални мрежи (Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, ЈуТјуб), ќе биде навистина интересно да се проследат плановите на Маск за реформирање на нејзината понуда кон огласувачите.
Покрај деловниот аспект на компанијата, аквизицијата на Твитер несомнено ќе се одрази и врз нејзиниот социјален аспект. Според најавите на Маск, тој сака Твитер да го трансформира во платформа каде што неприкосновено ќе се почитува правото на слобода на говорот.
Како уште еден предизвик за новиот сопственик на Твитер се наведува борбата против спам-ботовите и лажните профили, чиј точен број е сé уште непознат, како едно од главните прашања кое ги обременуваше преговорите за купување на социјалната мрежа.