Луксузниот британско-швајцарски бренд на часовники Rolex е познат по своите нуркачки модели, почнувајќи од првиот Oyster во 1926 година, па преку првиот модел од серијата Submariner во 1953, по што следуваа и моделите од сериите Sea-Dweller и Deepsea.
Сега, со лансирањето на својот прв часовник од титаниум, култниот производител на часовници уште еднаш соборува рекорди, со својот Oyster Perpetual Deepsea Challenge кој може да се пофали со неверојатна водоотпорност до 11.000 метри под морското ниво.
Моделот е базиран на прототип што режисерот Џејмс Камерон го носеше во 2012 година кога ги истражуваше длабочините на Маријанскиот ров, за кој се смета дека е најдлабокиот океански ров на Земјата.
Но, новиот модел не оддава почит само на подвигот на Камерон, туку и нé навраќа на времето кога океанографот Жак Пикард и поручникот на американската морнарица Дон Волш отпатувале на истото место во 1960 година со друг прототип на Rolex.
Оттука, на часовникот стои гравурата „Mariana Trench“ („Маријански ров“), како и датумите „23.01.1960“ и „26.03.2012“ во чест на двете опасни експедиции.
За да го создаде својот прв часовник целосно направен од титаниум, Rolex одлучи да користи специјална легура на титаниум од петта класа, позната како титаниум RLX. Оваа легура е многу издржлива и лесна, така што новиот модел е 30% полесен од прототипот од 2012 година.
Дополнително, часовникот е опремен со вентил за ослободување на хелиум и патентирниот систем Ringlock, што ги зајакнува неговите способности за отпорност на вода и му овозможува да издржи големи притисоци на екстремни длабочини.
Часовникот ја вклучува препознатливата Triplock круна на Rolex, заедно со три запечатени зони и екран Chromalight на кој може да се гледа времето дури и кога е темно. Часовникот користи калибар 3230 со сертификација Superlative Chronometer, нудејќи им на корисниците резерва на енергија од 70 часа.
Моделот Oyster Perpetual Deepsea Challenge е достапен по почетна цена од 26.000 американски долари.