Најголемиот креативен фестивал во светот, Cannes Lions, соопшти дека ја преименува наградната категорија “Titanium Lions” во чест на легендарниот креативец Ден Вајден, кој почина на 30 септември оваа година.
Наградната категорија отсега натаму ќе го носи името “Dan Wieden Titanium Lions”, а според организацијата на Cannes Lions, токму Ден Вајден бил еден од најзаслужните за воспоставувањето на оваа награда. Од Cannes Lions велат дека целта на наградата останува иста како пред 20 години кога за прв пат била воспоставена: да ги слави провокативните креативни остварувања кои ги надминуваат границите и предизвикуваат завист.
Имено, во 2003 година, кампањата „The Hire“ на BMW била препознаена од жирито како извонредно дело, но надвор од границите на секоја од нивните постоечки категории. Поради тоа, кампањата освоила само еден „лав“. Следствено, Ден Вајден ги охрабрил организаторите да создадат нова категорија посветена на новиот вид креативни дела дизајнирани да го „покажуваат патот напред“.
По повод преименувањето на наградата, претседателот на LIONS, Филип Томас, изјави: „Дан Вајден го обликуваше Cannes Lions на толку многу начини, но создавањето на Titanium Lions е најдраматичното и најсоодветно за таков визионер. Дека оваа награда засекогаш ќе ја одразува неговата страст, посветеност и креативен гениј носејќи го неговото име, се надевам дека ќе биде соодветен спомен од нашата индустрија за еден од нејзините најголеми таленти“.
Извршниот директор на LIONS, Сајмон Кук, додава: „Продолжуваме да му оддаваме чест на Ден Вајден и да ги информираме членовите на жирито за категоријата Titanium користејќи ја неговата оригинална, безвременска дефиниција стара 20 години. Токму поради Ден, од година во година бараме од жирито да наградува дела што „ја предизвикуваат индустријата да застане и да го преиспита патот напред“. Наградите Dan Wieden Titanium Lions засекогаш ќе го почитуваат неговото наследство и ќе служат како симбол за креативната извонредност што ја менува играта за генерациите што доаѓаат“.
Ден Вајден на двапати бил претседател на жирито на Cannes Lions, а за време на неговиот живот, неговата агенција Wieden+Kennedy освоила неверојатни 396 „лавови“. Во 2012 година, Вајден ја добил наградата „Лав на Свети Марко“, со која Cannes Lion му одадоа почит како некој чиј „интегритет и брилијантност инспирирале цела една генерација и му донеле светска почит“.
Актуелниот генерален креативен директор на агенцијата Wieden+Kennedy, Карл Либерман, објаснува: „Ден веруваше дека креативноста напредува во хаосот. Еден од начините на кои тој постојано го хранеше тој хаос беше секогаш да се преиспитува како стојат работите и да нè турка да бараме нови, различни и подобри начини за напредување. Тоа значеше поместување на границите на работата, нашите клиенти, ставот на индустријата за различноста и како треба да изгледа креативното работно место. Кога Ден го создаде „титаниумскиот лав“, идејата беше да се укаже на тоа дека целта не е работите да се прават одново и одново на ист начин и едноставно да се подобрува постојниот процес, туку да се размрда целата работа и да се направи нешто толку невидено и неочекувано што тоа ќе ги запрепасти луѓето и ќе му помогне на овој бизнис да преиспита сè“.
Семејството на Ден Вајден бара од неговите почитувачи да донираат на Caldera Arts – летна школа за уметност и екологија основана од Вајден и неговото семејство. За да го поддржи наследството оставено од Вајден и да ги поддржи недоволно застапените гласови да го исполнат својот потенцијал и да предизвикаат креативен хаос, Cannes Lions ќе продолжи да ѝ донира на школата Caldera Arts дел од средствата собрани од котизации за наградната категорија “Sustainable Development Goals Lions”.