Технолошкиот гигант Google ја соопшти својата намера да создаде модел на вештачка интелигенција што евентуално ќе ѝ овозможи на компанијата да ги нуди своите интернет услуги на 1.000 најчесто говорени јазици во светот. Иако во светот се говорат повеќе од 7.000 јазици, Google во моментот ја нуди својата алатка за преведување на нешто повеќе од 130 јазици.
„Замислете нов корисник во Африка кој зборува волоф (јазик што најчесто се зборува во Сенегал) и кој го користи својот телефон за да дознае каде е најблиската аптека или на кој канал може да гледа натпревар. Тоа се ситуации што ние ги земаме здраво за готово“ – објаснува Јохан Шалквик, инженер во Google.
Американската компанија се потпира на технолошки иновации за да ја конструира својата нова вештачка интелигенција за пребарување, не само во однос на текстови, туку и за аудио снимки, видеа и фотографии. Компанијата исто така планира да собира аудио записи од различни јазични заедници, особено од јазици кои вообичаено не се развиваат во пишана форма.
Со развојот на овој долгорочен проект, Google има намера да ги интегрира резултатите во сите свои производи како што се видео-платформата YouTube, виртуелната тастатура Gboard и алатката за превод Google Translate, а со тоа да го олесни користењето на достапните онлајн услуги на мајчиниот јазик на корисниците и да им овозможи да откриваат релевантни содржини.
Новата иницијатива се надоврзува на проект за известување на населението за можни поплави започнат во 2017 година, кој во текот на изминатата година помогнал да се испратат 155 милиони предупредувања до 23 милиони луѓе во Индија и Бангладеш. Од Google исто така објавија дека оваа услуга се проширува и ќе биде достапна во 18 нови земји во Јужна Америка, Азија и Африка.