Секоја Божиќна сезона, мултинационалната компанија за кондиторски производи Mars Wrigley составува празничен пакет од повеќе чоколатца наменет за британскиот пазар. Меѓутоа, истражувањата на компанијата покажале дека чоколатцата со кокос Bounty се меѓу најнеомилените во групата, па многу луѓе ги оставаат последни или пак ги фрлаат, откако ќе ги изедат оние поомилените како Snickers и Maltesers.
Со тој увид, минатата година, компанијата организираше акција во која потрошувачите можеа да ги вратат несакани Bounty чоколатца на неколку специјализирани штандови во поголемите британски градови и да ги заменат со некој поомилен бренд. Со цел промоција на акцијата, компанијата објави и хумористичен видеоспот за „Осаменото Bounty“, во кој чоколатцето е претставено во антропоморфна форма.
Оваа година пак, компанијата се одлучува да му даде втора шанса на непопуларното чоколатце и побара од неговите фанови гласно да ја искажат својата поддршка за негово останување во празничниот пакет. Соодветно, компанијата лансираше нов хумористичен спот во која јавноста „загрижено“ го бара изгубеното Bounty.
„Ги повикуваме фановите кои сакаат да го задржат Bounty во празничниот пакет да ја покажат својата поддршка со хаштагот #BringBackBounty пред да ја донесеме нашата конечна одлука за тоа дали пакетите без Bounty се иднината на нашата празнична понуда“ – посочуваат од компанијата Mars Wrigley.