На 16-ти декември, хипер-реалистичен аватар на покојната хип-хоп легенда Кристофер Волас, попознат како Биги Смолс или The Notorious B.I.G., ќе одржи концерт во виртуелниот свет “Horizon Worlds” на Meta.
Концертот како сцена ќе користи виртуелна рекреација на Бруклин од 1990-тите, а ќе има и изведби на гости како основачот на Bad Boy Records, Шон “Diddy” Комбс, и наративно патување низ животот на Биги со американскиот музички новинар Touré.
Horizon Worlds на Мета е виртуелниот „метаверзум“ на компанијата до кој може да се пристапи со помош на уредот за на глава Quest. Сопствениците на ваков хедсет ќе можат да ја гледаат премиерата на концертот во виртуелна реалност на 16-ти декември, но ќе можат да ја проследат и на Meta Quest TV откако ќе дебитира. Обожавателите кои немаат Quest ќе мора да се задоволат со 2D верзија на концертот, која ќе се емитува на официјалната Фејсбук страница на The Notorious B.I.G.
Чувствата меѓу јавноста се мешани. Голем број корисниците на социјалните мрежи изразија критики спрема Мета поради тоа што сака да врати легендарен уметник од мртвите во форма на виртуелен аватар. Меѓутоа, според компанијата, тие добиле благослов од фамилијата на покојниот рапер, истовремено посочувајќи дека концертот има за цел да го слави неговиот живот и наследство.