Технолошкиот гигант Meta најави дека од 1 декември воведува одредени промени меѓу информациите кои се прикажуваат на профилите на социјалната платформа Фејсбук.
Од компанијата посочуваат дека детали за адресата, политичката и верска припадност, како и сексуалната ориентација, ќе бидат отстранети од профилите на корисниците.
Оние што имаат пополнето некои од овие полиња ќе добијат известување за нивното бришење. За корисниците кои сакаат копија од податоците кои ги внеле, Фејсбук овозможи лимитиран период за прземање на податоците од профилот.
Други информации, како контакти и статус на врска, ќе бидат задржани. Притоа, корисниците и понатаму ќе можат да контролираат што и колку ќе биде јавно достапно на нивниот профил.
Како официјална причина за овие промени беше наведена полесната навигација и користење на социјалната мрежа. Меѓутоа, се чини дека зголемената грижа за личната приватност меѓу корисниците имала значаен удел во носењето на ваквата одлука.