Кога, на 9 ноември, Твитер под водството на Елон Маск го отвори процесот за верификација на кориснички профили преку претплата, веднаш се најдоа луѓе кои таквата опција ја злоупотребија за лажно претставување како профили на компании и јавни личности, предизвикувајќи хаос на платформата.
Компанијата набрзо го стопираше процесот на верификација преку претплата до неодредено време, односно до осмислувањето на ново решение. Сега, според најавите на сопственикот Елон Маск, таквото решение би можело набрзо да биде имплементирано во форма на ознаки во повеќе бои.
Имено, како што објасни самиот Маск во објава на Твитер, компаниите наското би имале златна ознака, владините институции и официјална лица би имале сива ознака, а сите други верификувани поединци би имале сина ознака. Тоа значи дека јавните личности и сите луѓе кои платиле месечна претплата од 8 долари ќе имаат ознака во истата боја.
Сопственикот на компанијата исто така објасни дека секој профил ќе биде „рачно автентициран“, пред да му биде доделена соодветна ознака.
Поединците кои се дел од некоја организација исто така ќе можат да имаат секундарна, помала ознака која ги поврзува со нивното работно место. Во однос на овие дополнителни ознаки, компаниите ќе мораат да потврдат дека таа индивидуа навистина работи за нив.
Системот за претплата на социјалната мрежа, Twitter Blue, е паузиран до 29 ноември, по што треба да продолжи со работа. Сепак, не е познато дали новите ознаки ќе бидат функционални веднаш по неговото продолжување.