На првиот ден од божиќниот пост, со прес-конференција во Македонска филхармонија, Здружението „Бадникови поворки” преку своите претставници Ламбе Алабаковски, Елена Ристеска, Антониа Гиговска, Дејан Пројковски и Марија Саздева, ја отвори празничната сезона во која, како што најавија, имаат намера да сеат многу радост, добрини, милосрдие, љубов во секој облик; сè она што на нашиот народ му треба и недостига после двегодишното адаптирано пандемиско празнување.
Активностите на Здружението „Бадникови поворки“ започнуваат денеска на првиот ден од божиќниот пост и завршуваат на трет ден Божиќ. За претстојниот 40-дневен период, најавија повеќе големи проекти од народно, културно и духовно значење, меѓу кои и освежување на химната на бадниковите поворки – „Вечниот Бог“, како во аранжманот, така и во видео приказната, за омилената божиќна песна да им ја приближат на новите генерации деца кои имаат свои нови ѕвезди, а од друга страна да го прошират и кругот на пејачи и таленти кои сакаат да го слават Бога. Главни носители на овој проект ќе бидат: Ламбе Алабаковски и Антониа Гиговска, како и Елена Ристеска која ќе ги предводи младите ѕвезди за да можат суштински да ја почувствуваат својата улога. На прес-конференцијата беа обелоденети имињата на дел од нив и тоа: Мите Стоилков, Џенгис Мемедоски, Барбара Ракичевиќ, Тамара Грујовска, Мартинијан Кириловски, Мелани Тарчуловска, Ана Петановска.
За комплетното осмислување и реализирање на новиот видео запис, ќе биде задолжен режисерот Дејан Пројковски кој заедно со Горан Наумовски и Стојан Стојановски, трета година по ред се дел од Бадниковите поворки. Нивните спотови за возобновените божиќни песни „Христос се раѓат, на светот радост“ и „Божиќна серенада“, од народот и стручната јавност беа оценети како вистински ремек дела, разгледници што нè навраќаат во времето на силни семејни вредности и непоколеблива вера. За нив, предизвикот оваа година е уште поголем, затоа што ќе треба да создадат уметничко дело што ќе разбуди силни емоции кај децата и ќе допре до нивното чувство на припадност кон вистинската семејна традиција.
Паралелно додека се одвиваат работите во студио и на терен, ќе се подготвуваат и два божиќни концерти, еден за деца и вториот за возрасни.
Божиќниот концерт за деца се поканети да го подготват сите досегашни учесници во возобновените песни: Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Елена Ристеска, Тамара Тодевска, Стефан Филиповски (Некст тајм), Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Даниел Кајмаковски, Никола Перевски (Нокаут), Давид Темелков, и Златно славејче, заедно со новите ѕвезди. Здружението „Бадникови поворки“ јавно ги покани сите детски хорчиња, ансамбли, театарски, креативни и едукативни центри, детски студија за игри и танц, да стапат во контакт со нив за да добијат своја улога на настанот.
Божиќниот концерт за деца ќе се одржи на Бадник на 6-ти јануари во 11 часот и ќе биде претходница на најголемата Бадникова поворка во Скопје што од Градскиот плоштад ќе помине преку Камениот мост и традиционално ќе заврши во Соборниот храм каде што неколкуте илјади коледарчињата ќе бидат и дарувани. Организаторите испратија јавна покана до сите градови и населени места да се вклучат во организирањето Бадникови поворки на радост, во нивното место на живеење, со надеж дека досегашната историја на учество на 40 градови и 15 илјади деца во последната поворка од 2020 година, двојно ќе се зголеми.
Во функција на ова големо и најрадосно случување, веќе денеска на неколку локации низ Републиката започнува изработката на бадниковите ѕвезди што децата премногу ги сакаат и со радост ги носат в рака, а се вистински симбол на празнувањето зашто потсетуваат на Витлеемската ѕвезда што го најавува раѓањето на Богомладенецот.
Традицијата на адаптација на божиќните песни на знаковен јазик, продолжува трета година по ред. Македонија е првата православна земја во светот што започна да ги толкува божиќните песни на знаковен јазик, за и глувите лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето. Оваа година следува адаптација на „Божиќна серенада“.
Вклучувањето на децата со посебни потреби и нивните семејства во речиси сите досега спомнати активности, како и акциите на милосрдие се долгогодишна традиција на бадниковите поворки и ќе остават свој белег и во оваа празнична сезона.
Божиќниот концерт за возрасни ќе се одржи во вечерните часови на 9-ти јануари (трет ден Божиќ), во Македонска филхармонија. „Љубојна“ и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј ќе бидат главните носители на овој голем проект со кој ќе се заокружи и празнувањето и активноста на Здружението за оваа празнична сезона 2022/2023 година.